Алкалоид продолжи победнички во Супер-лигата, но овој пат на потежок начин дојде до триумфот број пет. Избраниците на Кирил Лазаров после голема драма славеа против ГРК Тиквеш со 31-30, резултат кои ги остави перфектни, пет победи во исто толку одиграни натпреври и делба на првото место со Вардар.
Според играта во голем дел од мечот се чинеше дека ова ќе бидат лесни два за тимот од Автокоманда, кој на одморот имаше водство од 18-15.
Иако домаќинот пред стартот на 50-та минута имаше водство од пет гола (28-23) и се очекуваше само рутинска завршница, сепак сликата се промени. Во Автокоманда видовме неизвесна завршница. На две и пол минути до крајот, кавадарчани со серија од 3-0 успеаја да узрамна на 30-30.
Лазаров повика тајм-аут, Никола Костески одговори и го врати водството на 31-30. Алкалоид го одбрани првиот напад после тајм-аутот на Грчевски, но одбиената топка заврши во рацете на кавадарчни, кои имаа на седум секунди за да дојдат до реми, Ончев имаше удар, но топката заврши крај голот.
Никола Костески и Марко Митев беа лидери во редовите на Алкалоид со по пет погодоци, на другата страна Бен Махфуд имаше седум гола.
Во последниот натпревар од петтото коло Прилеп и Струга одиргаа без победник 29-29.










