Бронза за Мила Рељиќ во Тирана и нови поени за олимписката ранг-листа

26

Македонската теквондистка и олимпијка Милијана Мила Рељиќ стигна до бронзениот медал на Г-1 Опен турнирот „Албанија“, кој се одржува во Тирана.

Рељиќ на стартот беше слободна, а во следната борба со 2:1 во рунди ја совлада Леонарда Андриќ од Канада.

Потоа следеше уште еден неизвесен дуел за македонската претставничка, овојпат против Шпанката Елена Лена Торес. Рељиќ повторно славеше со 2:1 во рунди и обезбеди место на пиедесталот.

Клучна беше третата рунда, во која Мила триумфираше со минимални 10:9 поени.

Во полуфиналната борба, Рељиќ не успеа да стигне до финалето. Подобра од неа беше Турчинката Хатиџе Пинар Јигиталп, која славеше со 2:0 во рунди.

Турската натпреварувачка ги доби двете рунди со идентични 4:2 поени и со тоа обезбеди пласман во финалето.

Бронзениот медал на турнирот во Тирана ѝ донесе на Рељиќ нови 3,60 поени на светската и олимписката ранг-листа.

ПретходноАлкалоид и Вардар без грешка, ГРК Охрид – разочарување на колото!
СледноСила МВП на првото коло во Супер-лигата!