„Веганскиот“ клуб сега со нов експеримент, ќе има три главни тренери!

42

Контроверзниот англиски „вегански“ клуб, Форест Грин Роверс се одлучи за необичен експеримент – наместо да назначи нов главен тренер, првиот тим ќе го водат тројца членови на стручниот штаб, кои заеднички ќе ги носат најважните одлуки.

Клубот, кој се натпреварува во петтиот ранг на англискиот фудбал, остана без менаџер откако Роби Севиџ на втори октомври го напушти тимот и ја презеде екипата на Питерборо Јунајтед.

Сопственикот на Форест Грин, Дејл Винс, одлучи да не брза со изборот на негов наследник. Наместо традиционалниот модел со еден шеф на стручниот штаб, одговорноста ќе ја поделат Џош Боуен, Јан Клуковски и Џонатан Гулд. Тројцата ќе ги организираат тренинзите, ќе ги подготвуваат натпреварите и заеднички ќе одлучуваат за составот и тактиката на екипата.

Винс ја објасни својата одлука со критика на традиционалниот модел на управување во фудбалот, во кој еден менаџер има главен збор. Според него, тренерите со преголемо его не секогаш ги носат најдобрите одлуки, па клубот сака да испроба порамноправен начин на работа, со повеќе перспективи при решавањето на проблемите.

Раководството засега не го смета новиот модел за трајно решение. Форест Грин, кој е познат и по својата целосно веганска клупбска политика, сега ќе се обиде да покаже дека фудбалскиот тим може успешно да функционира и без една централна фигура на тренерската позиција.

ПретходноОсасуна го отпушти Рамис и го врати Арасате на тренерското место
СледноИмаше страшна несреќа, извесен период беше во кома, но сега се враќа на скијачките патеки