Вардар го запиша четвртиот пораз во Лигата на шампионите, откако не успеа да ѝ се реваншира на Висла Плоцк. Македонскиот првак на гостински терен беше поразен со 33-32 (16-13). Избраниците на Иван Чупиќ одиграа поинаков натпревар од оној во Скопје, но не успеаја да дојдат до посакуваните бодови. И овој пат имаа осцилации во играта, нешто што не се простува во ова натпреварување. Со овој пораз Вардар остана без шанси да се пласира во главната рунда.
До 11-тата минута македонскиот првак беше рамноправен противник (5-5), по што следеше серија грешки на „црвено-црните“ и налет на Висла за водство од 10-5 на средината на првото полувреме. Налетот на домашниот состав го прекина Љевар, но само накратко. По нова грешка, негативата изнесуваше седум гола (13-6), што беше причина Чупиќ за кратко време повторно да повика тајм-аут. Но, ниту тој не вроди со плод, па Бјере ја зголеми предноста на домашниот тим на 14-6 во 21. минута.
Вардар сепак успеа да се разбуди и со серија од 5-1 дојде на минус четири гола (15-11) во 27. минута. Себате повика тајм-аут, а Бјере реализираше од седум метри за 16-11. Висла остана со играч помалку, што македонскиот тим одлично го искористи и до одморот ја намали негативата на 16-13.
Во 32. минута Вардар не искористи напад за да дојде на минус еден, па Висла реализираше за 19-15. Нешто подоцна, темпото на домаќинот падна, а Воркапиќ намали на 21-19. Вујовиќ одбрани седмерец и спречи поголема драма. Сепак, домаќинот потоа направи серија од 4-1 за водство од 25-20 во 45. минута. Во меѓувреме, Абделхак заработи директен црвен картон. И во една ваква ситуација, Вардар успеа да дојде на минус два 27-25 во 52. минута, но Висла како непишано правило знаеше да ја врати позитивата која ветуваше нова победа (29-25).
Иако „црвено-црните“ влегоа во неизвесна завршница и на 20 секунди до крајот реализираа од седум метри преку Воркапиќ за 33-32, сепак не остана време ниту за реми во целата брканица на теренот. Себате го искористи своето право за тајм-аут во вистинско време и не им дозволи на „црвено-црните“ да се изборат за ситуација за реми.
Малус имаше девет гола, додека Воркапиќ запиша осум погодоци. На другата страна Бјере имаше седум гола.










