Додека Вардар и Еурофарм Пелистер се подготвуваат за првото дерби оваа сезона во Супер-лигата, навивачките групи на двата тима почнаа да „војуваат“ на социјалните мрежи.
Атмосферата се вжештува, преку разни фотографии „Комити“ и „Чкембари“ си испратија по некоја порака, момент кој е традиционален кога станува збор за пресметките меѓу Вардар и Пелистер.
Домаќин е актуелниот македонски првак, а мечот ќе се игра утре со почеток во 17:45 часот во СЦ „Јане Сандански“.
Вардар на својата официјална страница објави дека заедно со „Комити“ подготвуваат специјална кореографија пред почетокот на натпреварот. Тренерот Иван Чупиќ и неговите момци ја прифатија улогата на фаворит и најавија дека нивната цел е единствена – победа за продолжување на триумфалниот поход кон одбрана на тронот. „Црвено-црните“ имаат максимален скор, осум победи во низа.
На другата страна, Еурофарм Пелистер, пак, има седум победи и едно реми, па зад лидерот заостанува еден бод. Во СЦ „Јане Сандански“ ќе има поддршка од своите фанови, а во најава се околу 150 навивачи.
Она што е сигурно е дека ќе биде вистински празник на ракометот, и на теренот и на трибините.










