Интересна завршница во Штип со „хепиенд“ за истоимениот тим, кој ја запиша првата победа во дебитантската сезона во Супер-лигата. Избраниците на Марјан Србиновски на домашен терен славеа против Струмица со 87-81, тимот кој минатото коло приреди изненадување совладувајќи го МЗТ Скопје.
Натпреварот беше неизвесен, но Штип имаше контрола и минимално водство уште од самиот почеток. По првата четвртина поведе со 15-11, а на одморот замина со предност од 40-37. Во третата четвртина разликата беше само еден поен, додека во самиот финиш, по тројката на Крафорд за 81-79, штипјани направија серија од 6-0 и ја потврдија победата.
Караколев имаше 19 поени, Пол запиша 17, додека Костоски придонесе со 12 поени кај победничкиот тим. Во редовите на Струмица, Џејкоб беше најефикасен со 19 поени, а Пандев постигна 17.










