Чудесниот Дончиќ: НБА-лигата призна – никој досега не одиграл ваков натпревар!

415
Фото: ЛА Лејкерс Х

ЛУКА ДОНЧИЌ блескаше во домашната победа на Лос Анџелес Лејкерс против Торонто Репторс со 131-125. За 35 минути поминати на теренот постигна 45 поени (шут од поле 12/23, за три поени 8/12). Додаде и 15 скока, шест асистенции и пет украдени топки. НБА-лигата и специјализираните статистички платформи истакнуваат дека за првпат во историјата на најсилната кошаркарска лига во светот еден играч завршил натпревар со вакви бројки.

НБА: Никогаш досега не сме виделе ваква партија

„Лука Дончиќ штотуку оствари статистички учинок каков што НБА-лигата досега не видела. Тој стана првиот играч во историјата на лигата кој на еден натпревар постигнал најмалку 45 поени, 15 скока, пет асистенции, пет украдени топки и пет тројки. Постигна многу поени, но дури ни тоа не беше пресудно за да влезе во историјата“, објави НБА на социјалната мрежа Икс, заедно со видео од неверојатната партија на Дончиќ.

Во најсилната лига во светот се воодушевени од историскиот настап на Дончиќ, па во уште една објава ги истакнаа неговите бројки во победата над Торонто.

НБА го истакна учинокот на Дончиќ уште на полувремето: „Дончиќ стана првиот играч во ерата на детално следење на текот на натпреварите (play-by-play) кој едно полувреме го завршил со најмалку пет скока, пет тројки и пет украдени топки“. Инаку, Дончиќ на полувремето имаше 24 поени, осум скока, пет украдени топки и шест погодени тројки.

И специјализираната статистичка платформа StatMuse во повеќе наврати го истакнува историскиот учинок на Дончиќ. Словенецот во кариерата има одиграно натпревари на кои постигнувал и повеќе поени (73, 60…), а пред една недела против Јута уфрли 52 поени.

Сепак, дуелот против Торонто ќе остане запаметен како една од неговите најразновидни и статистички најнеобични партии во кариерата, пред сè поради неверојатната разновидност во играта и агресивноста во одбраната, која вообичаено не е неговата најсилна страна.

Остин Ривс додаде 19 поени за Лејкерс, а историски настап имаше и Вокер Кеслер. Тој постигна 16 поени без ниту едно промашување од поле (6/6), на кои придодаде 15 скока и три блокади. Така стана првиот играч на Лејкерс во последните повеќе од 40 години со ваков учинок и совршен шут.

Кај Торонто најдобар беше Скоти Барнс со 29 поени, шест скока и пет асистенции. Вреди да се истакне и Ри Џеј Барет, кој натпреварот го заврши со 22 поени, 10 скока и пет асистенции.

Синоќа Голден Стејт го совлада ЛА Клиперс на домашен терен со 124-112.

ПретходноБаерн Минхен по “Дер Класикер“ се претвори во болница!
СледноСилекс посакува и трета победа во низа