Вечерва од 18 часот на стадионот “Дитмар – Хоп“, младинците на Брера ќе му гостуваат на Хофенхајм во реваншот од 2.квалификациско коло во младинската Лига на Шампиони. Со оглед на резултатот од првиот меч, кога во Струмица беше 0:3 за германскиот тим , јасно е кој ќе оди во следната фаза, но сепак струмичани ветуваат голема битка за да се поправи впечатокот од тој прв меч и секако да се дојде до што подобар резултат. Јасно е дека желбата е да се даде максимумот против еден така силен тим како што е Хофенхајм.
Реално избраниците на тренерот Ѓорѓе Стојчев си го завршија своето. Тие испишаа историја со пласманот во втората квалификациска рунда во ова натпреварување. Брера е првиот клуб од Македонијакој што не само зебележал победа туку остварил и пласман во следната руна, минал едно коло. Струмичани тоа го сторија против Санта Колома од Андора кога со вкупни 11:0 си закажаа дуел со Хофенхајм.
Инаку вчера избраниците на Стојчев го одработија последниот тренинг во Хофенхајм во пресрет на денешниот дуел. Последните вести се дека атмосферата е добра, мотивите се големи за да се одигра еден квалитетен натпревар.
Исто така се повикуваат и Македонците кои живеат во Германија да дојдат на трибините на стадионот “Дитмар – Хоп“ и дадат подршка на младите фудбалери од Струмица.










