Олимпија Милано воведе дисциплина: Македонскиот репрезентативец казнет поради доцнење

75

Олимпија Милано минува низ исклучително тежок период во Евролигата, но во италијанскиот гигант очигледно нема да има отстапки кога станува збор за професионалниот однос кон обврските. Тоа на своја кожа го почувствува и новиот македонски репрезентативец Мозес Рајт, кој доби мала, но јасна казна поради недисциплина.

Рајт не се најде во стартната петорка на натпреварот против Тренто во италијанското првенство, откако задоцнил на состанокот пред дуелот. Одлуката ја донел помошникот тренер Марко Рамондино, кој го водеше тимот по заминувањето на Пепе Поета. Неговото место наскоро треба да го преземе Лука Банки.

„Мозес Рајт задоцни на состанокот пред натпреварот, па одлучив да го изоставам од стартната петорка“, објасни Рамондино.

И покрај казната, американскиот центар доби 14 минути на паркетот и имаше солиден придонес во тесната победа на Олимпија Милано над Тренто од 88:86. Рајт средбата ја заврши со 11 поени и пет скока, со шут од поле 4/10 и беспрекорни 3/3 од линијата за слободни фрлања.

Во италијанското првенство македонскиот репрезентативец просечно бележи 11,6 поени и 4,3 скока по натпревар, додека во Евролигата неговиот учинок е уште подобар – 12,1 поен и 5,5 скока по средба.

Инаку, Олимпија Милано е едно од најголемите разочарувања во досегашниот тек на Евролигата. По десет одиграни кола италијанскиот тим има само една победа и дури девет порази, па промената на тренерската позиција беше неизбежна. Следниот предизвик за тимот од Милано е домашниот натпревар против Жалгирис.

ПретходноМурињо го држи на клупа, а од Анчелоти бара да му даде минутажа
СледноДеле Али го запали дресот на Арсенал по изгубениот облог (ВИДЕО)