Распадот на Партизан, шанса за македонските гиганти: Вардар и Пелистер тргнаа по засилувања!

200

Кризата во Партизан би можела да биде можност за македонските ракометни клубови да добијат сериозни засилувања. По заминувањето на претседателот Милјан Жугиќ и тренерот Раул Гонзалес, неизвесна е иднината на повеќе ракометари на српскиот шампион, а интерес за дел од нив веќе покажуваат клубови од Македонија.

Според информациите на српскиот „Моцарт Спорт“, Вардар е заинтересиран за Аљоша Дамјановиќ, ракометар кој може да игра на позициите лев и среден бек. Неговото име претходно било понудено и на Загреб, но како можна опција за продолжување на кариерата се споменува и македонскиот шампион.

Дамјановиќ оваа сезона не добиваше поголема минутажа кај Раул Гонзалес, па евентуалното заминување од Белград би можело да биде добар потег за неговата кариера. Засега нема конечен договор, но постои интерес Вардар да го доведе во своите редови и да го засили ростерот на Иван Чупиќ за предизвиците во домашното првенство и Европската лига на ЕХФ.

Уште поинтересна е ситуацијата околу Јоав Лумбросо. Израелскиот среден бек, кој е меѓу позначајните ракометари во составот на Партизан оваа сезона, се поврзува со трансфер во Еурофарм Пелистер. Битолчани имаат потреба од дополнителен квалитет во тимот, а Лумбросо е профил на играч кој би можел да донесе нова енергија и креативност во играта.

Сепак, Еурофарм Пелистер не е единствениот клуб што го следи Израелецот. За неговите услуги, се заинтересирани и неколку француски екипи.

Останува да се види дали кризата во Партизан ќе резултира со два интересни трансфери на македонската ракометна сцена. Вардар и Еурофарм Пелистер внимателно ја следат ситуацијата, а наредниот период би можел да донесе конкретни разврски.

ПретходноАрсенал го плати 60 милиони евра, а сега би можел да премине во друг европски гигант?
СледноПоранешниот македонски селектор на завршни преговори во Софија