Капитенот на Шкотска утре против Македонија ќе го израмни рекордот на Кени Далглиш

45

Капитенот на репрезентацијата на Шкотска, Енди Робертсон, утре ќе го забележи својот 102. настап за националниот тим и ќе се изедначи со легендарниот Кени Далглиш, кој досега беше рекордер по бројот на репрезентативни настапи. Јубилејот ќе го оствари на натпреварот против Македонија на „Хемпден парк“, во рамките на Лигата на нациите.

Левиот бек на Тотенхем истакна дека ова достигнување не треба да биде прослава на неговиот личен успех, туку признание за легендата на шкотскиот фудбал.

„Утрешниот ден всушност не е за мене. Според мене, тој е за него. За тоа колку долго опстана рекордот, за сè што постигна во кариерата и за човекот каков што е. Тоа е уште една причина нашата земја да му оддаде признание на еден од најголемите фудбалери што некогаш играле, а дефинитивно најголемиот во Шкотска“, изјави Робертсон.

Тој потсети дека Далглиш често му нагласувал колку било потешко да се стигне до 102 настапи во неговото време, кога репрезентациите играле значително помалку натпревари.

„Кога станува збор за бројките, ќе стојам рамо до рамо со него, но не сакам луѓето да заборават колку е важен овој човек за нашата земја“, додаде капитенот на Шкотска.

Робертсон откри и дека Далглиш му бил голема поддршка, особено во периодот кога настапувал за Ливерпул. Легендарниот фудбалер бил меѓу првите што му честитале кога ја добил капитенската лента, нудејќи му помош и совети кога и да му бидат потребни.

Шкотскиот капитен се очекува веќе во понеделник, на гостувањето кај Швајцарија, да го надмине рекордот и самостојно да го преземе првото место. Но, неговите амбиции не завршуваат со бројката од 102 настапи.

„Сè уште имам глад за нови успеси со репрезентацијата. Сакам повторно да ја однесам Шкотска на големо натпреварување и да се обидеме да ја минеме групната фаза“, порача Робертсон.

Претходно„Вуко Каров“ годинава во домашни услови
СледноПокоњоли: Ќе нападнеме од прва минута, сакаме победа на нашиот стадион!