Јована Петрушевска: Верувам во овој тим, имаме потенцијал и убава иднина

0
Фото: КФСМ

По неколкугодишна пауза, Јована Петрушевска повторно е дел од женската сениорска репрезентација на Македонија. Искусното крило му се стави на располагање на новиот стручен штаб, предводен од селекторот Виктор Петровски, а своето враќање го одбележа со добри минути на гостувањето во Букурешт, против селекцијата на Романија.

„По пауза од неколку години, повторното враќање во националниот тим за мене претставува посебно задоволство, чест и мотив да го дадам максимумот за Македонија. Натпреварот во Букурешт беше едно важно искуство и поглавје за нашиот подмладен тим, кој можеби нема големо искуство, но има огромна желба, борбеност и мотивација за напредок. Верувам дека со секој нареден натпревар ќе растеме како екипа и ќе стекнуваме дополнителна самодоверба“, вели Петрушевска, осврнувајќи се на првиот настап во претквалификациите за Евробаскетот 2029.

Веќе вечерва, македонската селекција ја очекува вториот предизвик во групата „Ц“. Во спортскиот центар „Џексон“ во Штип, со почеток од 18 часот, Македонија ја пречекува Естонија, во натпревар во кој поддршката од домашната публика може да биде дополнителен мотив за младата македонска репрезентација.

„Натпреварот против Естонија, кој го играме на домашен терен во Штип, го очекуваме со голема мотивација. Играњето пред домашната публика секогаш е посебно чувство и верувам дека поддршката од трибините ќе ни биде дополнителен ветер во грб. Нè очекува сериозен противник, репрезентација која заслужува респект, но ние ќе влеземе во натпреварот максимално подготвени, со желба да се надигруваме и да го дадеме најдоброто од себе.

Најважно е да продолжиме да веруваме во овој тим, да се бориме една за друга и да покажеме дека Македонија има потенцијал и убава иднина“, порачува Јована Петрушевска.

Натпреварот Македонија – Естонија започнува во 18 часот, во спортскиот центар „Џексон“ во Штип, со директен телевизиски пренос на МРТ 3.

Претходно„Самураите“ го „преслушаа“ Бразил во Сингапур, црвен аларм за Анчелоти (ВИДЕО)