Младинските лиги во сите спортови во Македонија и натаму „висат“. Нивниот старт беше одложен поради задолжителните ПЦР тестови на сите учесници во овие натпреварувања кои надлежните органи ги наложија, а истите не се возможни и претставуваат голем финансиски товар за клубовите.
Молкот од страна на државата по ова прашање трае, неофицијално Комисијата за заразни болести дала зелено светло за старт на истите без ПЦР тестови пред секој меч, но оваа одлука е заглавена во лавиринтите на институциите.
Трпението е пред крајот, и во клубовите, и кај родителите. Немањето решение за младинските лиги негативно се одразува врз целокупниот спорт.
„Велиме немаме иднина, па како да ја имаме кога истата треба да се гради со стратегија, да се најде начин како во време на коронавирус безболно да се пуштат во погон младинските лиги во сите спортови. Коронавирусот не е од денеска, веќе долго време живееме со него, до сега мораше ова прашање да биде решено“, вели за СПОРТМЕДИА еден родител чие дете тренира фудбал.
Она што посебно иритира се митинзите кои секојдневно се одржуваат пред очите на оние кои едвај чекаат да се вратат во натпреварувачки ритам.
„Училиштата исто така се отворени, па зар децата таму не можат да се заразат? Искрено, нашите деца заостануваат во однос на другите земји. Напредок не може да има доколку и натаму спортската иднина се „гуши“ на овој начин. Имаме „дупки“ во генерации, верувајте доколку вака продолжат истите ќе станат уште пострашни. Овие генерации не смеат да трпат, мора да се најде решение. Не гледам зошто фудбалот, кој се игра на отворено е проблем? Просторот е отворен, а можноста да заразат е многу помала. Овие деца не може да се мотивираат само со тренинзи, сакаме да бидеме спортска нација, но само на зборови. Верувајте ја губат желбата да доаѓаат на тренинг, оти знаат дека немаат натпревари, па овие деца сонуваат да се натпреваруваарт“, коментира родителот.
Во големите спортски земји на прво место се младинските лиги, државата и клубовите вложуваат во талентите, знаат дека иднината е во нивни раце.
Ќе биде подобро ако во Македонија зборовите и ветувањата, еднаш бидат спроведени на дело. Помалку политика, повеќе спорт, бидејќи токму успесите на репрезентациите и клубови се единствениот извор на среќа меѓу народот, ако немаме иднина, ќе останеме и без тие уникатни денови.