Европскиот форум ELEVATE-SS во Скопје ги обедини спортот, технологијата и инклузијата

0

Европски експерти, спортски организации, институции и лица со попреченост дискутираа за иднината на пристапните спортски објекти и улогата на современите технологии во создавањето подобро искуство за секој навивач.

Како да изградиме спортска средина во која секој навивач ќе има еднаква можност да ужива во натпреварите, без ограничувања и бариери? Ова беше централното прашање на европскиот форум „EVERY FAN MATTERS – Секој навивач е важен!“, кој на 26 ноември се одржа во Клубот на пратениците во Скопје, во рамките на европскиот проект ELEVATE-SS, финансиран од Европската Унија преку програмата Еразмус+.

Форумот, организиран во соработка со Министерството за спорт на Македонија и европските проектни партнери, обедини претставници на фудбалски организации, спортски федерации, јавни институции, експерти за пристапност и иновативни технологии, спортисти и организации кои ги застапуваат правата на лицата со попреченост. Настанот создаде простор за размена на искуства, презентација на современи решенија и отворање нови можности за соработка во насока на поинклузивен европски спорт.

Под мотото „Поврзување на луѓето, знаењето и технологијата за попристапни спортски објекти“, форумот испрати јасна порака: пристапноста не треба да биде дополнителна можност, туку составен дел од секое спортско искуство.

Еден од централните фокуси на форумот беше целосното искуство на навивачите со попреченост – од купувањето билет и организирањето превоз, преку пристигнувањето и влезот на стадионот, до безбедноста, пристапот до трибините, угостителските услуги и напуштањето на спортскиот објект.

Преку презентации, дискусии и размена на практични искуства, беше нагласена потребата пристапноста да се разгледува како целосен процес, во кој покрај соодветната инфраструктура, клучна улога имаат комуникацијата, обучениот персонал и разбирањето на различните потреби на посетителите.

Важен сегмент од форумот беше посветен на вештачката интелигенција, дигиталното учење и иновативните технологии за пристапност (DisTech). Во рамките на проектот ELEVATE-SS, партнерите CampusAI и LTT Sports работат на развој на современи решенија за интерактивна обука, вклучувајќи виртуелни сценарија, дигитални аватари и повеќејазични едукативни содржини.

Целта е персоналот на стадионите – од редарските и безбедносните служби до вработените задолжени за продажба на билети и услуги за посетителите – да стекне практични знаења и вештини за професионална и инклузивна комуникација со сите навивачи.

Гордана Цветковска Бошевска, координаторка на проектот ELEVATE-SS во Министерството за спорт и посебен советник за ЕУ-проекти и децентрализација, го истакна значењето на проектот за поврзување на европските искуства со конкретните потреби на спортските организации во земјата.

„Нашата цел е јасна – да изградиме спортска инфраструктура во која пристапноста нема да биде само инфраструктурно прашање, туку дел од целокупното искуство на секој навивач. Тоа подразбира сè, од пристигнувањето на стадионот, купувањето билети и движењето низ објектот, до комуникацијата со персоналот и, секако, уживањето во спортските натпревари. Како Министерство за спорт, веруваме дека преку овој проект ќе придонесеме за унапредување на политиките за инклузија и пристапност во спортот“ – изјави Гордана Цветковска Бошевска, координаторка на проектот и посебен советник во Кабинетот на министерот за спорт за ЕУ-проекти и децентрализација.

Особено значаен дел од форумот беше посветен на личните приказни и искуства на спортистите и лицата со попреченост. Нивните сведоштва ја нагласија важноста на директното вклучување на луѓето кои секојдневно се соочуваат со бариери, не само во препознавањето на предизвиците, туку и во креирањето на решенијата.

Низ панел-дискусиите беа отворени и прашањата за одговорноста на спортските организации, управувачите со стадионите и надлежните институции во обезбедувањето пристапна спортска средина. Посебно внимание беше посветено на можностите за примена на технологијата во секојдневниот живот на лицата со попреченост и на потребата технолошките иновации да бидат поддржани со обучени луѓе, соодветна инфраструктура и разбирање на реалните потреби на корисниците.

Проектот ELEVATE, преку своите цели и резултати, носи нови решенија за фудбалската заедница, а кога велам фудбалска заедница, мислам на целиот европски фудбалски екосистем. Овие решенија придонесуваат за остварување на една од клучните цели во актуелните дискусии за пристапноста на фудбалот за навивачите со попреченост. Пред сè, тука мислам на едукацијата на персоналот задолжен за продажба на билети, редарските служби, угостителските услуги, безбедноста и сигурноста на стадионите. Целта е овие лица подобро да ја разберат перспективата на навивачите со попреченост, како и нивните специфични потреби што мора да се земат предвид при организацијата на фудбалските натпревари. Зошто зборуваме за специфични потреби? Затоа што, кога станува збор за навивачи со попреченост, најчесто прво помислуваме на лица кои користат инвалидски колички. Меѓутоа, попреченоста има многу различни форми, вклучувајќи нарушувања во препознавањето на боите, интелектуална попреченост, дебелина, слепило и оштетувања на слухот. – изјави КОНСТАНТИН ФЛОРИН ШАРИ, Фудбалска федерација на Романија, главен координатор на ELEVATE-SS

ELEVATE-SS претставува европско партнерство кое обединува седум организации од областа на спортот, образованието, технологијата и пристапноста. Проектот е предводен од Фудбалската федерација на Романија, а неговата реализација е насочена кон развој и тестирање дигитални образовни алатки кои ќе можат да им помогнат на фудбалските клубови, лиги и оператори на стадиони низ Европа.

Константин Флорин Шари, главен координатор на проектот ELEVATE-SS и претставник на Фудбалската федерација на Романија, го нагласи значењето на меѓународното партнерство за претворање на иновативните идеи во применливи решенија за спортските организации.

„Француската професионална фудбалска лига со големо задоволство учествува во проектот ELEVATE-SS, кој се реализира во рамките на програмата Еразмус+ и е кофинансиран од Европската Унија. Овој проект ќе им овозможи на француските фудбалски клубови активно да придонесат кон подобрување на пристапноста на спортските објекти, преку развој на конкретни решенија и интерактивни обуки наменети за персоналот на стадионите. Преку проектот се стремиме да ја подобриме пристапноста на нашите стадиони, бидејќи фудбалот е за сите. Нашата цел е да ја унапредиме инклузијата, да ја зголемиме пристапноста и да ја подигнеме свеста и знаењето за различните видови попреченост, со цел секој навивач да може подеднакво да ужива во натпреварите и активно да учествува во спортските активности. Особено ни е драго што сме дел од оваа иницијатива и што имаме можност да го споделиме француското искуство и перспектива, придонесувајќи кон заедничката европска соработка за создавање поинклузивен и попристапен фудбал за сите.“ – изјави Арнот Гуехуеле, партнер во проектот. 

Една од најважните пораки од Скопје е дека вистински пристапниот спорт бара повеќе од технологија и инфраструктура – тој бара знаење, соработка и активно учество на луѓето за кои се создаваат решенијата.

ПретходноВажна лекција: Ништо не е загубено, но мора сите да се погледнеме во огледало!