Кошаркарките на Вардар продолжуваат со беспрекорниот настап во „Шпаркасе Лајф“ Првата лига. Во рамките на шестото коло, лидерот стигна до шестата победа во исто толку натпревари, откако убедливо го совлада Баскет Кам (81:53).
Сигурни настапи забележаа и Бадел 1862, кој славеше на гостувањето во Гевгелија (112:50), како и актуелниот шампион Крива Паланка, кој беше подобар од Патриот 2016 (94:55). МЗТ Скопје Аеродром, пак, го совлада Пробаскет (72:49) и го задржа третото место на табелата.
Вардар продолжува да доминира во домашното првенство. Лидерот на табелата ја забележа и шестата победа во сезоната, откако на домашен терен беше убедлив против Баскет Кам (81:53).
Домашните кошаркарки најголем дел од работата ја завршија уште во првото полувреме. По првите 20 минути игра имаа убедлива предност од 19 поени (45:26), која во продолжението дополнително ја зголемија за конечни 81:53.
Вардар имаше одличен придонес од стартната петорка, од која четири кошаркарки го завршија натпреварот со двоцифрен број на поени. М. Николиќ беше најефикасна со 17 поени, додека Б. Николиќ, Пислевска и Тасевска реализираа по 15 поени. Тасевска на својот учинок додаде и 10 скока.
Кај гостинскиот состав, кој сега има половичен ефект од три победи и три порази, Митева беше најефикасна со 21 поен. Максимовска и Адамовска постигнаа по 12 поени, при што Адамовска забележа и 12 скока и седум асистенции, а Максимовска девет скока и три асистенции.
„ШПАРКАСЕ ЛАЈФ“ ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ
РЕЗУЛТАТИ 6. КОЛО
Крива Паланка – Патриот 2016 94:55
Вардар – Баскет кам 81:53
Гевгелија – Бадел 1862 50:112
МЗТ Скопје Аеродром – Пробаскет 72:49
ТАБЕЛА: Вардар 6/0, Бадел 1862 5/1, МЗТ Скопје Аеродром 4/2, Крива Паланка 3/3, Баскет кам 3/3, Пробаскет 2/4, Гевгелија 1/5, Патриот 2016 0/6;










