Вардар 1961 го запиша првиот пораз во Лигата на шампиони, откако на гостувањето кај Алборг беше совладан со 33-29 во рамките на петото коло. Данскиот тим му се реваншираше на македонскиот првак за поразот во Скопје.
И на овој меч „црвено-црните“ беа раштимани. Одбраната одново беше проблем, Вардар 1961 покажа повеќе лица на оваа средба, од очај до противник кој има сила да се врати од секоја ситуација, но сепак променливото темпо не беше доволно за да се освои теренот во Данска.
Веселин Вујовиќ во првото полувреме имаше еден расположен ракометар, Тимур Дибиров, да не беа неговите девет гола, разликата ќе беше поголема. Алборг отвори со 3-0, Дибиров со Дијало и Моралес го држеа својот тим. Со серија од 1-5, Вардар за прв пат поведе во 13. минута со 7-8. Еден гол позитива, македонскиот првак имаше во 26. минута, откако двата тима влегоа во серија од четири минути без погодоци.
Сепак Алборг се снајде пред полувремето, дојде на плус три 16-13. Во продолжение на „црвено-црните“ им се случи потоп. Домаќинот лесно го наоѓаше патот до голот на Вардар, па во 36. минута беше 21-14.
Тешко беше да се врати од оваа негатива, сите мислеа дека тука е крајот, но македонскиот првак благодарение на Томовски, исклучувањето кај Алборг и добрата одбрана успеа да намали на 29-27 на нецели пет минути до крајот. Токму онаа нестабилност во играта беше пречка за сензација во самиот финиш. Алборг набрзина постигна три гола и отиде на плус четири 31-27 на две минути до крајот.
Дибиров остана на 9-те гола од првото полувреме, зад него беше Кевин Њокас со седум погодоци. Томовски запиша девет одбрани.
Во следното коло, Вардар е домаќин на Кил, мечот е закашан за 27. октомври.