Египетскиот напаѓач на Ливерпул Мохамед Салах би сакал да ја заврши кариерата во Ливерпул и тврди дека иднината му зависи само од клубот. „Црвените“ ги подновија договорите со неколку фудбалери: Александар-Арнолд, Алисон, Фабињо, Ван Дајк, Робертсон и Хендерсон, но на Салах му остануваат помалку од две години од договорот.
Оваа сезона Салах постигна 12 гола во 11 меча, а Ливерпул е на чело во Премиер лигата.
„Ако се прашувам јас тогаш ќе останам до крајот на кариерата во Ливерпул, но не е се во мои раце – тука се прашува и клубот. Зависи од тоа што сака клубот, а не јас. Во моментот не се гледам себе си како противник на Ливерпул. Тоа би ме натажило. Јас би сакал да останам, никогаш и не сум сакал да го напуштам Енфилд, но ќе видиме што ќе се случи“, изјави Египќанецот во разговор за „Скај спортс“ пред неделното дерби со Јунајтед на „Олд Трафорд“.