Привремениот тренер на тимот на Барселона, Серхи Бархуан дебитираше на кормилото на првиот тим на Каталонците со ремито 1:1 синоќа на домашен терен против Алавес.
Тешкиот период за Барселона продолжува и под водство на новиот кормилар кој не успеа барем на првиот негов натпревар да ја „заврти“ ситуацијата што се вели барем резултатски и малку од малку да ја подигне атмсоферата на Ноу Камп.
„Резултатот не одговара на прикажаното, бидејќи одигравме добро. Го контролиравме натпреварот, создававме ситуации. На паузата корегиравме некои недостатоци, што вроди со плод, но противникот успеа да израмни по индивидуален продор. Штета за промашените шанси кои ни ја одземаа победата“, изјави Бархуан за медиумите.
Тој додаде дека не е лесно да се соедини тимот, дека има добри резултати, но треба време за да застанат цврсто на нозе.
„Имав малку време за работа. Се обидов да воведам ред во нашите акции и во одбрана и во офанзива. Ако го водам тимот против Динамо Киев во вторник во рамките од Лигата на Шампионите, ќе се подготвиме на ист начин. Мора да го соединиме тимот, да им кажеме на овие момци дека се добри фудбалери и дека само треба да си веруваат еден на друг. Кога ќе добиете негативен резултат, не е лесно да застанете на нозе. Сега се чувствуваме како да сме загубиле, но наше е да се вратиме во колосен“ – рече Серхи.