Македонскиот првак по првото полувреме против унгарскиот првак на гостинки терен има негатива од два гола (17-15). Во мечот од седмото коло во Лигата на шампиони, Вардар 1961 допатува без Моралес и Тото, кои поради повреди останаа во Скопје.
Проблем за Вардар 1961 се честите падови, но благодарение на Мартин Томовски, македонскиот тим во последните десет минути од негатива од четири гола успеа да дојде до израмнување. Сепак грешките си го сторија своето, на одморот има минус два гола.
Томовски има шест одбрани, Дибиров четири гола, додека Валчак три.
По само четири минути игра, Кевин Њокас заработи исклучување, па Пик Сегед со серија од 3-0 поведе со 4-2 во седмата минута. Со голот на Шоштариќ, унгарскиот првак поведе со плус три 6-3 во 9 минута.
Дибиров со два гола намали на 8-7 во 12. минута, ова беше период во кој Вардар имаше играч повеќе на теренот. Сепак домаќинот се врати во игра, Дибиров промаши пенал, на другата страна Фримел од истата позиција погоди за највисоки 11-7 во 16. минута од мечот. Вујовиќ веднаш повика тајм-аут.
ТОМОВСКИ ГО ДРЖИ ВАРДАР ВО ИГРА
Томовски застана на голот на местото на Ристовски, со две одбрани го подигна тимот на момент, Дибиров и Џукиќ намалија на 11-9. Но, набрзина примија исто толку голови за нова негатива од 13-9.
Младиот репрезентативен голман продолжи во одличен ритам, со три нови одбрани, Вардар направи серија од 4-0 за 13-13 во 25. минута. Кевин, Оливие и Дибиров, одлично ги крунисаа одбраните на Томовски.
Фримел и Мацковчек одново го вратија водството (16-14), Томовски одбрани, но Вардар не искористи да израмни, па Пик Сегед на одморот има предност од два гола (17-15).