„Јој Маџарице“: Студениот Дебрецен спие – само „Фалангата“ може да му даде душа!

3218

На неполни два дена пред стартот на Европското првенство во Дебрецен сликата е далеку од ракометна. Градот кој е втор по големина во Унгарија, засега не дава ниту мала „искра“ дека ќе биде домаќин на една од шестте групи на овој евро-шампионат.

Можеби се уште е рано, бидејќи навивачите на ниту една земја не се пристигнати, па тишината некако „убива“. Сликата дополнително ја искривува и главното збирно место во Дебрецен, а тоа е Арената „Феникс“ каде од 13 до 17 јануари ќе се водат тешки битки.

Организаторот се трка со времето или…Ова е прашањето кое денеска си го поставував неколку пати.

Нема обележја, детал кој барем малку ќе те понесат еуфорично и за миг ќе ти проработи фантазијата, ќе се најдеш меѓу бројните фанови кои гордо пејат: Само едно име имаме! На миг пред очи ќе ти дојдат македонски знамиња…а ти гордо чекориш, душата ти е полна со емоции, особено во време на Ковид-19 кога ваквите „луксузи“ ни се скратени.

И ние новинарите чекавме две години за да одново се најдеме во јануарското ракометно лудило, последен голем настан беше ЕП во Виена.

Ладното време дополнително те вклопува во оваа тмурна атмосфера. Згора на се, тука е коронавирусот, кој ни ги „врза рацете“, ни ја одзема навивачката слобода! За оние кои ќе дојдат им препорачувам дебела зимска опрема, зошто температурите знаат да бидат и минус 12, и секако чиста и позитивна мисла, многу трпение – една од желбите на главниот лидер Кирил Лазаров.

Но, сето ова ќе се промени, барем за навивачите. Само „Фалангата“ може да му даде душа на овој град. Голем дел ќе пристигнат на денот на првиот дуел против Словенија.

Во стилот на Љубомир Врањеш се надевам дека на трибините ќе видам барем 1.000 Македонци кои во ова лудо време се осмелиле да ги бодрат нашите ракометари од трибините, а ќе има помалку Словенци.

Гласната поддршка од трибините, препознатливото навивање ќе им го даде потребниот ветар во грб на репрезентативците, ќе ги понесат кон височините, ќе ги охрабрат против една Словенија или Данска, па и Црна Гора против која дефинитивно сме фаворити.

Македонија од Дебрецен почнува да се гради, факт кој не смее да се заборави. Се подготвува терен за помладите генерации, тоа ќе оди споро за да ефектот биде долгорочен. Ако сакаме бројни јануарски денови исполнети со среќа, радост, па и нервози, ќе мора сите да бидеме со едно големо разбирање.

Да се соединиме овие денови, да ги мотивираме овие момци, кои единственото слободно време во зимскиот период го посветуваат на својата татковина, семејствата кои исто така едвај чекаат да ги видат, се во втор план.

За кого – за Македонија!

ПретходноДимитар Митровски и официјално во Академија Пандев
СледноШкупи потпиша договор со младиот Омер Сулејман!