Екипата на Струга дојде до петата победа оваа сезона во Супер-лигата, откако во неизвесна завршница го совлада Прилеп со минимални 22-21 во меч од 18. коло.
Јанкуловски го постигна победничкиот гол за домашниот состав, беше прецизен од седум метри, откако претходно гостите израмнија на 21-21. Шанса за триумф имаа и избраниците на Горан Кузманоски, но не ги искористија.
Целиот натпревар беше неизвесен, минимално водство одржуваа стружани, на одморот заминаа со 12-10. Неизвесноста продолжи и во вториот дел, особено во самиот финиш кога прилепчани успеаја да израмнат. Претходно имаа и негатива од 15-12. Со три гола израмнија на 15-15, тука почна битката за бодовите.
Блажески и Бајрактаревиќ со по шест гола беа најефикасни кај Струга, а Шокоски беше одличен со девет реализации кај гостите.