Минаа точно 30 години од најславниот гол, најславниот пенал на Дарко Панчев во кариерата. Стадион „Свети Никола“ во Бари, 29 мај 1991 година, финале во Купот на Европските шампиони меѓу Олимпик Марсеј и Ц. Звезда, петта пенал серија, последен изведувач Македонецот Дарко Панчев.
Ако погоди тогаш неговиот тим е европски првак.
И погоди…“Дарко, Дарко, Даркооо“ лудуваше коментаторот, еуфорија во тогашна фудбалска Југославија. Најславниот момент во клупскиот фудбал во земјата која тогаш се распаѓаше.
Ц. Звезда на пенали го победи славниот тим од Марсеј и се качи на врвот на Европа. И тоа по заслуга на Дарко, фудбалерот на векот во Македонија.
Токму затоа и сега Дарко, по цели 30 години, е славен во Белград, неговиот збор се мери, се премерува. Се бара Дарко да каже што има за фудбалот на Балканот, во Европа, во светот.
Дарко во Србија, меѓу фановите на Ц. Звезда е фудбалска икона. И со право, па токму тој им го донесе „ушлето“ на “црвено – белите“.
Се разбира дека не смееме да заборавиме и на Илија Најдоски. Столбот на одбраната во тимот на Љупко Петровиќ. Двајца македонци во најславниот тим на овие простори…Стојановиќ, Белодедиќ, Југовиќ, Михајловиќ, Савичевиќ, Просинечки…
Уф, како супер тим кој стана шампион на Европа во 1991 година, на денешен ден точно пред 30 години.
И тоа со голот на Дарко.