Ковачевска: Го плативме цехот на пандемијата, ова е успешна сезона за Пелистер

636

Пелистер, еден од главните кандидати за титулата оваа сезона не успеа да стигне до титулата. Иако битолскиот состав имаше супериорен старт и како лидер го заврши регуларниот дел, по Купот на Македонија, падна и во плеј-оф серијата.

По вчерашниот втор пораз од МЗТ Скопје во полуфиналето во јавноста се огласи претседателската на клубот, Мери Ковачевска. Смета дека коронавирусот е една од причините за лошиот крај, како и повредата на Бојан Трајковски, но најавува дека нема да застанат.

„Искрени честитки за сите кошаркари, стручниот штаб и управниот одбор на КК Пелистер за успешната сезона која е зад нас. Пласманот во полуфиналето на плеј-офот е почеток на еден процес на раст на нашиот клуб и израмнување на најдобриот клупски резултат во историјата. КК Пелистер освои многу симпатии, играше атрактивна кошарка цела сезона и тоа не остана незабележано од јавноста.

Сепак, и ние ја плативме цената на пандемијата и долгото отсуство на тренерот Марјан Илиевски во клучниот дел од сезоната. Тој хендикеп за нас се покажа како ненадоместлив. Повредата на капитенот и лидер на тимот, Бојан Трајковски исто така беше сериозен удар, за кој екипата не успеа да пронајде решение. Ангажирањето на привремениот тренер Небојша Видиќ беше изнудено решение, и одлука во координација со управниот одбор и стручниот штаб. Сакаме да му се заблагодариме на српскиот тренер и да му посакаме успех во понатамошниот тек на кариерата. Сепак, потенцираме дека со нетрпение го чекаме стартот на новата сезона 2021/22, враќањето на тренерот Марјан Илиевски на клупата и растот на клубот и проектот. Исто така благодарност за поддршката на симпатизерите и навивачите на клубот, кои многу ни недостигаа сезонава и со нетрпение ги очекуваме на трибините од наесен“, се вели во сопштението на првата дама на КК Пелистер. 

ПретходноДрама без победник, бод за Кузмановски и Пешевски
СледноЛШ ФИНАЛЕ: Рекорден број Германци во финале во кое не игра германска екипа!