СПОРТМЕДИА во Букурешт, Марија Ковачева
Македонската ракометна репрезентација обезбеди пласман во вториот бараж за место на Светското првенство 2023 година, откако на вториот меч против Романија на гостински терен успеа да ја одбрани позитивата од осум гола. Ракометарите беа поразени со 24-22. За противник во последната рунда за место на Мундијал, избраниците на Кирил Лазаров за противник ја имаат Чешка, првиот меч се игра на 13. април во Злин, реваншот е на 17. во Скопје.
Лазаров со шест гола беше прв стрелец, три имаше Кузмановски, по два Талески, Георгиевски, Миркуловски, Ојлески и Пешевски.
Кирил Лазаров не сакаше да ризикува, па дуелот го почна во почетниот состав, што не беше случај на првиот меч. Македонија имаше мака во првите четири минути, мразот го „скрши“ Пешевски (1-1). Брзо со консилидиравме, со головите на Атанасијевиќ, Лазаров и Кузмановски, поведовме со 2-5 во 10. минута. На другата страна Пасквал форсираше „седум на шест“, единствена надеж да се стопи негативата од осум гола од првата средба. Романија не успеа да дојде до ново водство овој дел од мечот, успеа да израмни неколку пати.
Македонија на двапати во продолжение успеа да поведе со плус три (7-10 и 8-11). Правевме технички грешки, па домашниот состав со серија од 4-1 на одморот изедначи на 12-12.
После 30 минути, Романија дојде до второто водство на мечот (15-14) беше во 35. минута. Еден зицер и една техничка грешка, ги врати во игра. Оваа слика на теренот беше благодарение на нашите технички грешки, а ги имавме. Ги охрабривме Романците, во 46. минута дојдоа на плус три (19-16), во период кога имавме играч помалку. Талески го прекина налетот, намаливме на 19-17, но како одминуваше мечот, не успевавме во нападот да реализираме, тешко одеше.
Со два гола на Лазаров и еден на Ојлески, со одбрана на Томовски и многу подобра одбрана, ракометарите не им дозволија на Романците да „сонуваат“ за некакво чудо (20-19). На нецели пет минути до крајот, Томовски ја запиша деветата интервенција, Миркуловски израмни на 21-21. Се најдовме во позиција одново да бркаме резултат, нашите момци не се откажуваа иако веќе го славеа пласманот во баражот. За жал не успеаја, но тоа е најмалку важно, бидејќи пласманот во баражот е заверен.