Антовски: Притисок секако нема, но шансата е тука

351

Од Белград, Огнен Дојчиновски

Репрезентацијата на Македонија до 21. година има пред себе шанса да успее во оваа тековнаквалификациска кампања да стигне до баражот. Расплетот на настаните во моментов, ситуацијата во Украина и многу големата веројатно оваа репрезентација да се откаже од понатамошното натпреварување ни ги отвара вратите ние да се најдеме во следната фаза. Дали ќе успееме во тоа, ќе треба да ни се „склопат коцките“. Украина најпрво треба и официјално да се откаже, што е реалност со оглед на конфликтот во моментов во оваа земја, но тоа е само едната страна од приказната.

Втората, онаа која што нас далеку повеќе не засега, е нашиот резултатски императив. Да обезбедиме што е можно повеќе бодови до крај и самите да се избориме за она што го посакуваме.

За такво нешто, најпрво се чека поволен резултат против Србија в четврток на стадионот на „Вождовац“. Мора да освоиме бодови, за да и натаму бидеме активни за таа втора позиција.

„Секако дека посакуваме поволен резултат. И поради тоа што во моментов ни се потребни бодови, но и затоа што знам дека оваа генерација го може тоа. Веќе одигравме еден меч во овие калификации со овој противник, знаеме што можат, но знаеме и ние што можеме. Уверен сум дека со правилен пристап, и со исполнување на задачите дека ќе стигнеме до поволен резултат. Ние покажавме дека можеме со силни репрезентации да бидеме рамноправни, а во некои случаи и подобри, па зошто тоа да не биде така и сега“  – ни вели Филип Антовски, па се надоврзува на темата.

Мора еднаш и на оваа генерација да и се посреќи

Неколку играчи од оваа генерација се носители низ квалификациските циклуси. Од У17 па ете се до У21 квалификациите. Филип Антовски, Томче Гроздановски, Енис Фазлагиќ имаат доста мечеви во нозете одиграни за Македонија и добро знаат што значи да си во ваква ситуација.

„Мора еднаш и на оваа генерација да и се посреќи што се вели. Во минатото малку ни фалеше за успех во неколку наврати. Со репрезентацијата до 17. години каде што бевме јас, Томче Гроздановски, Енис Фазлагиќ, на квалификацискиот турнир во Италија, еден жолт картон не откажа од пласман во елитната фаза. Потоа со репрезентацијата до 19. години во која покрај гореспоменатите беше и Марко Ѓорѓиевски , а селектор беше Горан Станковски,  голот кој беше постигнат на дуелот Хрватска  – Чешка во последните секунди на натпреварот за реми ни одзема уште една елитна фаза во квалификациите. Конечно минатиот У21 квалификациски циклус со селекторот Благоја Милевски го завршивме како втори но поради корона проблемите не одигравме бараж дуели иако бевме второпласирани во групата„ – анализира Антовски па поентира.

Оваа генерација е квалитетна и може да успее

„Сето ова кажува само едно. Дека на оваа генерација мора еднаш да и се посреќи што се вели. Нека тоа  биде овојпат. Што е до нас ќе направиме се. Ќе одиграме максимално, одговорно, со срце, онака како што треба да се одигра во дресот на Македонија. Шансата е тука истата треба да се искористи, но не треба да си создаваме непотребен притисок. Треба само да уживаме и да си посакаме само малку повеќе среќа, зошто верувајте само тоа ни е потребно за да успееме“ – вели македонскиот младински репрезентативец за Спортмедиа.

ПретходноБошко Ѓуровски нов тренер на Параду
СледноЗа бараж мечот Италија – Македонија билети се “препродаваат“ и за 1.079 евра!