Македонскиот селектор Благоја Милевски е горд на своите фудбалери и покрај поразот од Португалија и тоа што Македонија за малку не се пласира на СП во Катар.
„Треба да сме горди на момците. Покажаа дека во нив носат голем потенцијал, голем талент и на добар пат се да се доближат до најдобрите. На Португалија и го честитам пласманот на Светското првенство. Искрено, јас сум горд на моите момци и начинот на кој го одиграа овој натпревар.
Португалија одигра поразлично отколку со Турција, ние бевме свесни дека по еден таков меч со Италија бевме физички и ментално истрошени. Свесно така игравме, сакавме да имаат посед подалеку од нашиот гол. Криво ми е што така ги примивме головите. Во целина треба да бидам задоволен од пристапот, но, секако, не сум задоволен од резултатот“, кажа Милевски на пресот.
За грешката при првиот гол, Милевски изјави:
„Грешките се составен дел од спортот. И после таа грешка не паднавме. Посебно во организираноста на тимот, а најдобриот нас настап беше пред да го примиме вториот гол.
Секогаш има простор за подобро. Ваквите натпревари можат да помогнат да бидеме подобро на наредните натпревари. Иако ја победивме Италија ние уште сме далеку од елитните селекции. Начинот на кој работиме и резултатите се показател дека сме на прав пат. Не е случајно ова што го покажуваат момците на теренот. Длабоко во себе треба да веруваме во нив. Секогаш она што ни следи наредно е најважно. А што е следно. Прво Лига на нации, а потоа и квалификации за ЕП“.