Фудбалската репрезентација на Македонија нема да игра на Светското првенство, но барем ни донесе малку светлива во овие месеци на неизвесност, криза и темнина. Малку радост, живост, не сплоти, не натера заедно да се радуваме и да очекуваме. Капитенот Стефан Ристовски е горд што тој и неговите соиграчи стигнале до тука, на патот ги победија големите Германија и Италија и што за првпат во историјата се најдоа на чекор до Мундијал.
„Сакам да им честитам на Португалците. Тие доминираа и заслужено победи, а ние заминуваме со кренати глави. Имавме неверојатно патување. Никој не веруваше дека можеме до тука. Сепак успеавме далеку да стигнеме. Затоа треба да работиме и да растеме, да се надеваме на што е можно повеќе вакви натпревари“, изјави поранешниот бек на Спортинг од Лисабон за португалски „Рекорд“.
„Ќе навивам за Португалија на СП, малку се чувствувам како Португалец. Мојот син е роден тука, имам португалски пасош и сакам Португалија да победи на Мундијалот во Катар“, вели Ристовски.
За головите и својата грешка тој одговори:
„Кога се игра против вакви тимови не смее да се греши. Со играчи како Фернандеш и Роналдо не смееш да погрешиш. За жал тоа се случи и Португалија поведе и тоа ни ја направи работата потешка. Сепак, дадовме се од себе и се обидувавме да изедначиме меѓутоа вториот гол не уништи“.