Германскиот бундеслигаш РБ Лајпциг е првиот полуфиналист во Лигата на Европа оваа сезона. Германците славеа на гостувањето во Италија против Аталанта со 2:0 и со тоа успеаја да изборат пласман меѓу четирите најдобри во ова европско клупско натпреварување.
„Биковите“ дојдоа во водство со голот на Нкунку во 18. минута, а истиот фудбалер ја запечати судбината на домашните со гол од пенал во 87. минута.
Во Конференциската лига во првото реванш четвртфинале, екипата на Лестер со пресврт во вториот дел успеа да го совлада холандски ПСВ во Ајндховен со 2:1 и по ремито 0:0 на првиот меч дома, сепак, да се протне меѓу четирите екипи кои ќе се борат за првиот трофеј од ова ново УЕФА натпреварување.
Домашните поведоа во првиот дел со голот на Захави, додека Лестер го сврте мечот во последните 15 минути со головите на Медисон и Рикардо.