Работнички победи во пет сета и се избори за четврти меч во финалето со Јанта Волеј КВ

221

Одбојкарките на Работнички успеаја да ја остварат првата победа во финалната серија од плеј-офот и да се изборат за четврти меч против Јанта Волеј Кисела Вода во битката за шампионската титула. Во извонредно возбудлив меч вечерва во малата сала на СЦ „Борис Трајковски“, најдобриот состав од регуларниот дел од сезоната славеше со минимални 3:2 и успеа да намали на 2:1 во победи и да се избори за нов меч на кој Јанта Волеј КВ ќе има втора меч-топка за обезбедување нова шампионска титула.

Работнички почна извонредно, ги освои првите два сета и се чинеше дека мечот ќе биде лесно добиен. Така не мислеа шампионките, кои се вратија во ритам, предводени од Валерија Собол успеаја да ги освојат следните два сета и да ја вратат комплетната неизвесност на мечот. Последниот петти решаваки сет, Работнички го отвори со предност од 3:0 и најави дека е решен да дојде до прва победа во финалето. Јанта Волеј КВ се врати во егал и одржуваше резултатска неизвесност се до промената на страните, кога Работнички дојде до серија поени и застана на 14:9. Гостинките успеаја да врзат два поени, но потоа следуваше сервис-грешка која им донесе голема радост на домашните одбојкарки.

Во составот на Работнички, Стојанова беше најдобра во нападот со 20 реализирани поени, додека кај Јанта Волеј КВ, Машковска застана на 18.

Следниот четврти меч од финалната серија е закажан в понеделник, а домаќин ќе биде тимот на Јанта Волеј КВ.

ФИНАЛЕ НА ПЛЕЈ-ОФ (Ж)

ТРЕТ НАТПРЕВАР:

РАБОТНИЧКИ – ЈАНТА ВОЛЕЈ КВ 3:2 (25:19, 25:22, 23:25, 22:25, 15:11) / (1-2)

ПретходноИбрахимовиќ: Премногу добар сум за МЛС лигата
СледноПерез со прекрасен гол донесе голем бод на Кадиз против Севиља (видео)