Работнички им се врати на победите. По поразот од Ангели во минатото коло, најтрофејниот кошаркарски колектив се издигна на најтешкиот предизвик во плеј-аутот, Куманово. Избраниците на Игор Михајловски на домашен терен славеа со 98-92 и ставија крај на серијата од пет победи во низа, три во овој дел од сезоната за Куманово.
Гостите беа подобри во првиот дел, по почетното водство на Работнички од 6-1, брзо се вратија во игра и го наметнаа својот ритам. По неколку минути игра во втората четвртина имаа двоцифрени 26-37, на одморот беше 33-46.
Работнички не се откажа, тивко ја топеше предноста на противникот. Со серија од 14-4 изедначи на 59-59 пред самиот крај на третиот период, а потоа ја превзема контролата. Во последните две минути подобро се снајде и сосема заслужено се радуваше на бодовите.
Едвин со 32 поени и 13 асистенции го предводеше својот тим, зад Вакруки со 17 поени, два помалку постигна Балмазовиќ, кој имаше и седум скока. Јузубашиќ со 23 поени и Марјановиќ со 22 поени беа најдобри кај Куманово.