На три кола до крајот се води жестока битка за место во плеј-офот. Засега сигурни се МЗТ Скопје и Пелистер, додека за преостанатите две позиции е жестоко. Гостивар, Еуро Никел и ТФТ имаат навистина тешка задача.
Иако актуелниот првак има заверено место, сепак главната задача е да остане на првото место на табелата. Избраниците на Александар Петровиќ имаат бод повеќе од битолчани, а оваа предност можат да ја задржат денеска (19 часот), на домашен терен го пречекуваат дебитантот Феникс. Со оглед дека противникот во составот има само домашни кошаркари, ова треба да бидат лесни два за тимот од Аеродром, кој има шест победи во низа.
Останатите два меча се играат утре и ќе биде вистинска битка. ТФТ го пречекува Еуро Никел, додека Гостивар е домаќин на Пелистер.
Денеска ќе се одиграат два натпревари од плеј-аут лигата, МЗТ Скопје 2 е домаќин на Академија ФМП (14 часот), додека Ангели игра против Куманово на свој терен (17:30 часот). Утре Кожув ќе го пречека Работнички.