Металург е победник на Купот на Македонија во женска конкуренција. Избраничките на Јулијана Дамчевска во финалето беа доминантно подобри од Ѓорче Петров, славеа со 30-27 (16-12) и на крајот заслужено се радуваа на пехарот, до кој дојдоа последе девет години. Последен пат го освоија во 2013 година, во историјата петти.
Тимот од Автокоманда влезе далеку посигурно, пресвртот во полуфиналето ја зголеми самодовербата, отвори со серија од 4-1 после шест минути игра. Беше 6-3 и 7-4 на средината на првото полувреме, четири гола од вкупните седум беа дело на Ива Божиновска.
Симе Симовски мораше да го повика првиот тајм-аут. Истиот вроди плод, Ѓроче Петров врза серија од три гола за 7-7 во 18. минута. На другата страна следеше експресен одговор, Металург врати со серија од 5-1 за највисоки плус четири (12-8) во 23 минута. Илјаз влезе во ритам (одбрани и еден седмерец), па нејзиниот тим неколку минути подоцна поведе со 16-10. Во само 20 секунди, Ѓорче Петров успеа на одморот да намали на 16-12.
Ракометарките во силен ритам продолжија по одморот, за само две и пол минути постигнаа три гола и дојдоа на плус седум (19-12), не реализираа напад за плус осум. Тоа подоцна го стори Ива Младеновска, зголеми на 21-13. Големата македонска надеж со удар од седум метри донесе и плус девет (23-14).
На средината на второто полувреме Ѓорче Петров конечно заигра подобро, со четири гола во низа намали на 23-18. Дамчевска повика тајм-аут, нејзините девојки дадоа два гола, но одново на сцена настапија избраниците на Симовски. Со серија од 4-0 намалија на 25-22 на осум минути до крајот.
Младеновска го прекина налетот, но кам-бекот на противникот даде мала доза на возбуда, која дефинитивно недостигаше на ова финале. На две минути до крајот кога се чинеше дека работата е завршена, Металург не искористи два напади, противникот намали на 29-27, но Илјаз одбрани во вистинско време. Тука и беше крајот на овој меч.
Ива Младеновска со девет гола и Ива Божиновска со осум беа лидери кај новиот освојувач на трофејот, Илјаз имаше 11 одбрани. На другата страна Симона Стојановска постигна осум гола.