Тренерот на Реал Мадрид Карло Анчелоти смета дека нема фаворит во финалето на Лигата на шампионите. Реал и Ливерпул ќе се борат за титулата, а ова е реванш на финалето од 2018 година во кое „Кралевите“ победија со 3:1. Сега ќе се игра во Париз, а Анчелоти вели дека неговиот тим ќе игра против физички најсилниот тим во светот.
„Дали Ливерпул е фаворит за победа? Според мене, ова е рамноправен судир. Можеби мислите дека предноста е на наша страна, или мислите дека е на страната на противникот, но на крајот тоа и не е важно“, изјави Анчелоти.
„Не треба ништо да им кажувам на моите играчи бидејќи се навикнати да учествуваат во вакви натпревари. Дури треба да ги прашам како да се подготват за мечот, бидејќи за многумина ова ќе биде петто финале со Реал во Лигата на шампионите, а за мене само второ (се смее)“, продолжи Италијанецот.
„Инаку, Ливерпул е физички еден од најсилните тимови во светот. Но, тоа не е единствената важна работа на ваков натпревар“, мирен е тренерот на Реал.