Дисциплинската комисија на ФИФА ја одби жалбата на ФС на Чиле според која десниот бек Бајрон Кастиљо всушност не е Еквадорец туку Колумбиец и дека не можел да игра за друга репрезентација. Кастиљо веќе одигра осум мечеви за националниот тим на Еквадор, а Чилеанците тврдеа дека имаат документација која докажува дека Кастиљо всушност е Колумбиец роден во 1995 година во Тумака, а не во еквадорскиот град Хенерал Виљамил Плајас три години подоцна. Во обвинувањето се истакнува дека бекот на Барселона од Гвајакил има лажен пасош на Еквадор и дека неговата крштеница и документи се лажни.
Од Чиле бараа да се поништат резултатите на Еквадор во квалификациите, а со тоа Чилеанците ќе избореа учество на Мундијалот во Катар. Сепак, ФИФА ги отфрли овие тврдења и го затвори случајот.
Чиле може да се жали на Судот за спортска арбитража во Лозана и да ја продолжи постапката.