Шкендија нема да има нов тренер, барем не во најскоро време. Иако во изминатите денови интензивно се преговараше со познати стратези од земјава и од странство, сепак тетовци не успеаја да најдат заднички јазик со ниту еден од нив. Па така тимот на подготовките а и во настапите во Лигата на Конференции ќе ја води спортскиот директор Артим Шаќири, како што ја водеше и во финишот на сезоната. И така ќе биде се додека не почне стартот во ПМФЛ, а ако ни тогаш не се најде адекватно решение тогаш ништо чудно Шкендија да ја води и натаму нашиот прославен некогашен репрезентативец.
Инаку од денеска експедицијата на Шкендија се наоѓа во Словенија на подготовки за настапот во Европа и таму ќе остане се до 26 јуни.
Закажани се четири пријателски средби и сите со силни екипи и тоа како Ференцварош (12.06), Марибор (18.06), Зрињски (21.06) за да допрва се разговара за ривалот за четвртата контрола која би се одиграла на 25 јуни.
Инаку ново е тоа што тетовци се засилија со Башким Велија, го ангажираа и Давор Талески, додека од позајмица се вратија Мевљан Мурати и Леард Садриу.