Магомегаџи Нуров обезбеди полуфинале на Медитеранските игри во Оран, Алжир, откако денеска беше извонреден во групната фаза од боречките натпревари во категоријата до 97 килограми и со три исклучително убедливи победи го освои првото место во групата „А“.
Тоа значи дека нашиот борач-олимпиец во попладневната сесија ќе се бори за медал на овие Медитерански Игри. Нуров денеска во групната фаза во својата категорија извојува победа над Тунижанецот Садауи на поени со убедливи 13:2, а потоа го декласираше Мохамед Фарџ од Алжир победувајќи го со технички туш со 10:0.
Во третата и последна борба во групата „А“ предмалку Нуров експресно за само 3 минути и 44 секунди го „тушираше“ и Шпанецот Алехандро Канада. Борбата заврши со технички туш – 10:0.
Противник на Нуров во полуфиналето ќе му биде Мустафа Елдерс од Египет, кој беше втор во групата „Б“. Борбата е закажана во 18.40 часот.
Останатите двајца македонски борачи кои денеска се појавија на душекот беа елиминирани во 1. коло. Фати Вејсели загуби во четврфиналето во категоријата до 74 килограми од домашниот борач Икал со 3:2, додека по една крајно неизвесна битка на душекот во категоријата до 65 килограми, Владимир Егоров беше совладан од Хафез од Египет со 3:1.