Голема штета: Македонија пропушти победа, Гедбан одбрани седмерец за реми!

2439

Пред полна сала, во жешка атмосфера, македонската ракометна репрезентација го одигра вториот меч на Медитеранските Игри. За противник ја имаше домашната селекција, Алжир. Она што го најави пред мечот Кирил Лазаров, се оствари, беше навистина тешко за нашите момци, кои и денеска одиграа одлично, го оглед на тоа дека на другата страна противникот беше во комплетен и во најсилен состав.

На крајот во тешки услови за играње, Македонија одигра реми 24-24 (15-15), Џонов промаши седмерец, Гедбан одбрани. Иако освоија само бод, сите заслужуваат честитки, за борбеноста и за карактерот кој го покажаа.

Македонија добро го отвори мечот, поведе со 1-4 во шестата минута на крилата на Павле Атанасијевиќ и Томислав Јагуриноски, имаше шанса да дојде и на плус четири. Алжир на крилата на Гедбан, екс-голманот на Вардар, полека ја топеше нашата предност. Избраниците на Кирил Лазаров до 17. минута одржуваа позитива од два гола, по последните 7-9, противникот успеа да изедначи со два гола во низа, период во кој „црвено-жолтите“ имаа играч помалку на теренот.

Дуелот влезе во рамноправна пресметка, нашите момци наместо да искористат напад за плус два, примија два гола, па Алжри во 27 минута за првпат поведе на мечот (14-13). Павле Атанасијевиќ изедначи на одморот на 15-15.

Вториот дел беше спротивност од првиот дел, барем за првите седум минути, во кои Македонија не успеа да постигне гол, Гедбан одново фати клучни топки. Оваа серија ја прекина Џонов, а потоа со добра одбрана, Ѓоргиев изедначи на 18-18. Веќе во 40. минута целосно се вративме во игра.

Костески се надоврза, па Македонија на средината на второто полувреме го врати водството (19-20). Кизиќ застана на голот на Македонија, фати две клучни топки и постигна гол за 19-21. Алжир некако падна, па Срефаимов од седум метри зголеми на 19-22.

По ова водство останавме со играч помалку на теренот. Алжир не се закани тогаш, успеа да изедначи кога Македонија имаше играч повеќе на теренот, па на пет минути до крајот беше 22-22. Се разбудија навивачите на домаќинот, Серафимов не успеа да реализира од седум метри, следеа четири пеколни минути за Македонија.

За неполни десет секунди ракометарите примија два гола (едниот беше неверојатна грешка), Алжир поведе со 24-22. Џонов од седум метри намали на 24-23, противникот во последната минута и пол влезе со плус два (24-22). Костески намали на 24-23, Кизиќ одбрани, Митев изедначи на 24-24. Алжир заработи црвен картон, Џонов од седум метри не успеа да донесе победа, дуелот заврши без победник, Гедбан одбрани.

Следен противник на Македонија е селекцијата на Шпанија, мечот се игра утре.

ПретходноМИ 2022: Прв медал за Македонија – Егоров освои бронза во Оран!
СледноБајиќ ги одбра 12-те патници за Шпанија!