ФИБА даде зелено светло: Кошаркарите претквалификациите ќе ги играат во „Кале“!

396

Македонската кошаркарска репрезентација ја чека долг и тежок пат во обидот да се врати на континенталните натпреварувања, после долга пауза. „Црвено-жолтите“ местото на Европското првенство 2025 година ќе го бараат од претквалификациите, кои ги почнуваат во август.

Пред стартот на подготовките, доаѓаат две информации. Првата веќе ја објавивме, а тоа е заминувањето на Драган Бајиќ од селекторското место, како и можноста на клупата да го замени Александар Јончевски, додека е поврзана со местото каде националниот тим ќе ги игра натпреварите.

Македонија целиот претквалификациски циклус ќе го игра во домот на „кошарката“, поточно во СРЦ „Кале“. КФСМ доби зелено светло од ФИБА, откако претходно го доведе во ред сето она што не чинеше во салата и постави нови кошеви. Планот е салата да биде прилагодена и за квалификациите, ќе следат дополнителни интервенции на трибините, па нашите кошаркари нема да мораат да се селат во другите Арени.

Прв гостин во претквалификациите ќе биде Словачка, меч кој се игра на 28 август, три дена претходно нашите кошаркари ќе и гостуваат на Данска. Во група со Македонија е уште Норвешка.

Македонската репрезентација се очекува да има квалитетни подготовки на почетокот на август, ова е сериозен предизвик за иднината, претквалификациите мора да се поминат за да се дојде до следната фаза, квалификации за ЕП 2025 година.

По назначувањето на новиот селектор, ќе биде познат и планот за подготовките.

ПретходноДибиров и официјално го напушти Вардар: Среќен сум што доаѓам во Загреб
СледноЧаирчани спиеле во Мекдоналдс, два дена се враќале од Гибралтар! (ВИДЕО)