Официјално: Ренова со писмо го извести ФФМ дека нема да игра во ПМФЛ!

2098

И дефинитивно, и официјално ако сакате, Ренова нема да игра во ПМФЛ во следната сезона. Пропаднаа сите надежи дека “гипсарите“ сепак со нов инвеститор ќе можат во последен час до спас. Па така по цели 17 години играње во нашата елита, “гипсарите“ во следната сезона нема да ги гледаме во ПМФЛ.

Ова официјално доаѓа откако во текот на денешниот ден, од канцеларијата на Ренова било испратено писмо до Фудбалската федерација на Македонија, во кое стои дека ФК Ренова нема да настапува во ПМФЛ во сезоната 2022/23.

Сега останува прашањето што и како понатаму со клубот кој во овие 17 сезони еднаш беше првак на Македонија, а еднаш го освои и Купот, и во неколку наврати играше во фудбалска Европа.

Во тие изминати 17 години важеше за еден од нашите најстабилни наши клубови, тука мислиме на финансиски план.

Пропозициите се јасни, Ренова мора во најнизок ранг. Се шпекулира дека клубот, во каква форма беше досега, нема да постои повеќе.

Штета, навистина штета.

По ова писмо попладнево испратено до ФФМ, сега и дефинитивно се знае во следната сезона во ПМФЛ, која започнува следниот викенд, лигата ќе брои 11 клубови.

ПретходноРК Алкалоид денеска ги стартуваше подготовките! (ФОТОГАЛЕРИЈА)
СледноПријателска: Работнички подобар од Беса со 3:2!