Македонската женска репрезентација У18 по победата над Узбекистан (39-30) во рамките на второто коло на Светското првенство кое се одржува во Скопје, обезбеди пласман во главната рунда, прашање е само од која позиција ќе патува.
Избраничките на Љубомир Савевски лошо го отворија мечот, но на голема среќа брзо се вратија и ја оправдаа улогата на фаворит. Денеска ќе имаат шанса да се одморат и да ги поправат грешките, бидејќи утре против Иран ќе имаат нешто потешка задача во битката за првото место во групата.
„Нашата екипа не беше фокусирана и не одигравме ништо во првиот дел. Индивидуално бевме подобри и игравме подобра одбрана во второто полувреме. Се надевам дека ваква игра нема да повториме повеќе. Наш следен противник е Иран, ќе се одмориме и ќе се подготвиме за овој следен натпревар“, изјави селекторот Савевски.