Квалификацискиот натпревар за пласман на годинешното Светско првенство меѓу Бразил и Аргентина, кој беше прекинат на 5 септември минатата година, нема да се одигра, соопшти Аргентинската фудбалска асоцијација (АФА).
Бразилските санитарни работници го прекинаа мечот откако истрчаа на теренот обвинувајќи тројца аргентински репрезентативци дека ги прекршиле тамошните правила поврзани со пандемијата на вирусот КОВИД-19, кои беа на сила во тоа време. Натпреварот поради тоа беше прекинат бидејќи Аргентинците се повлекоа во соблекувалната.
Иако и Бразил и Аргентина убедливо се квалификуваа за Катар, Бразил како прв во јужноамериканските квалификации со 45 бода, а Аргентина како втора со 39 бода, Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) инсистираше натпреварот да се доигра.
Од АФА најавија дека ќе платат казна од 150.000 швајцарски франци, од кои половина ќе бидат платени веднаш, додека другата половина ќе биде платена за период од две години и немаат намера да го одиграат мечот.