Е.Пелистер 2 денеска (19 часот) во Австрија ќе „искуси“ европски предизвик, место до кое дојде заслужено, откако минатата сезона ја одигра на врвно ниво во домашниот шампионат. Првата пречка за вториот битолски тим во квалификациите за место во Европската лига е Алпла Хард, квалитетен тим. На двата меча во ова натпреварување ракометарите гледаат како подарок, шанса да го збогатат своето искуство.
„Тимот на Алпла Хард е доста квалитетна екипа. Но, сепак, ние сме доста борбен тим и мислам дека во овој натпревар нема што да загубиме, туку можеме многу да добиеме како подарок од минатата сезона. Минавме четири контролни натпревари, но тогаш не бевме во полн состав како што се смета, па се надевам на позитивен резултат на европското деби. Плус, ги добивме и Кукуловски и Петровиќ во екипата, со нив имаме поголема ротација во двата правци“, изјави Стефан Талевски.
Реванш мечот се игра за седум дена во Битола.