Кошаркарите на МЗТ Скопје претстојниот викенд ќе ја продолжат серијата контролни средби во пресрет на новата сезона и тоа со настап на „Земун купот“, кој на 16 и 17 септември ќе се одржи во Белград.
Покрај актуелниот македонски првак и организаторот Младост Земун, на турнирот ќе настапат уште и српскиот прволигаш Вршац и босанскиот тим Борац Бања Лука. Токму добро познатиот ривал од АБА2 ќе биде ривал во петочното полуфинале, кое ќе се игра од 20 часот.
Тренерот Александар Петровиќ нема да може да смета на повредените Адем Мекиќ и Андреј Андоноски, како и на Американецот Бре Ајви, кој викендов ќе допатува во Скопје и од понеделник ќе почне да тренира со останатиот дел од екипата.
Натпреварите ќе се играат во СЦ „Мастер“ во Белград, а најавени се преноси од сите натпревари на регионалната телевизија „Арена спорт“.