Голден Арт сезонава со две екипи во сениорска конкуренција и над 100 ракометари во останатите категории

121

Ракометниот клуб Голден Арт отвора нова страница на своето функционирање, со формирање на втора екипа која од оваа сезона ќе се натпреварува во Првата македонска ракометна лига.

„Следејќи ја сопствената политика на инвестирање и посветување внимание во создавање македонски ракометари, создавајќи услови и можност истите да се развиваат и надоградуваат, ракометниот клуб Голден Арт од оваа сезона ќе има две екипи кои ќе се натпреваруваат во сениорските лиги во организација на Ракометната федерација на Македонија. РК Голден Арт Аеродром е екипа која ја сочинуваат млади ракометари на возраст од 16 до 19 години, голем дел од нив дебитанти во сениорска конкуренција и играчи кои треба следните две години да се стекнат со потребно искуство и вештини, со цел нивно профилирање во квалитетни ракометари кои во иднина би го носеле дресот на Голден Арт во највисок ранг на натпреварување и дресот со националните обележја. 

Голден Арт како колектив, оваа сезона, се натпреварува во најквалитетната ракометна лига и е дел од „Б“ групата, и покрај сениорските натпреварувања, за сезонава која стартуваше пријави најголем број на екипи во младински категории. Имено, оваа сезона Голден Арт ќе земе учество во младинската лига, со ракометари родени 2004-та година и помали, две екипи во кадетската лига за ракометари родени 2006-та година и помали и една екипа во пионерската лига на ракометари родени 2008-ма година и помали, со вкупна бројка над 100 ракометари во сите конкуренции.

На овој начин, клубот кој своите тренинзи и натпревари ги реализира во С.Ц „Јане Сандански“ во Општина Аеродром покажува дека посветува внимание во развој на македонски производ, инвестирајќи голем дел од средствата од буџетот на клубот во младински категории, како клучен сегмент за производство на квалитетни ракометари и спортисти воопшто“, се вели известувањето на клубот. 

ПретходноОфицијални состави: По победа со Миовски, М. Ристовски, Елмас…во нападот!
СледноИ Струга ТЛ знаела да губи, ама на пријателски!