По крајно изненадувачкиот пораз во минатото коло на гостувањето кај Целје, германскиот великан Кил се врати со победа во првиот меч од 3. коло во ракометната Лига на шампиони. Вечерва на домашен терен, „зебрите“ славеа убедливо со 34:29 над екипата на Пик Сегед со што им го нанесоа третиот пораз на Унгарците од почетокот на сезоната.
Одличен меч кај Германците одигра Екберг кој средбата ја заврши со 6 гола, додека најефикасен кај поразените беше Роста со 5 погодоци.
На крајот сигурна победа стигна и за Висла Плоцк на домашен терен против дански ГОГ. Иако гостите одлично се држеа цел меч, Висла беше сепак пресилна. Полјаците на крајот славеа со 31:27 и ја прокнижија втората победа во групата, нанесувајќи му го првиот пораз на данскиот состав.
Луцин со 7 гола беше најдобар кај домашните, додека кај гостите по 6 гола постигнаа Питлик и Толбринг.