МЗТ Скопје денеска во СЦ „Јане Сандански“ го пречекува Партизан во рамките на 2. коло во АБА-лига. Ова е уште еден меч од низата на тешки предизвици за македонскиот првак оваа сезона во најсилното јадранско друштво.
Предводникот на „сино-белите“, Александар Петровиќ вели дека неговиот тим нема што да загуби, без разлика како ќе заврши пресметката.
„За нас ова е голем предизвик бидејќи ни доаѓа евролигашки тим со голем буџет, кој е предводен од најдобриот еврпски тренер. Се надевам дека енергетски ќе бидеме на потребното ниво и дека ќе дадеме се од себе. Верувам дека ќе одиграме добро, па доколку ни се укаже шанса ќе пробаме да го изненадиме фаворитот. Ова е меч кој реално нема што да загубиме, туку само да добиеме, без разлика на крајниот исход“.
Секако на трибините потребна е голема поддршка. Иако дуелот е закажан во 16 часот, Петровиќ и неговите момци се надеваат дека навивачите ќе дојдат во голем број.
„Очекувам навивачите без разлика на лошиот термин да дојдат во што поголем број и да не бодрат како што вели нивниот слоган – и во добро и во зло. Во овој момент ништо не е важно освен нивната љубов кон МЗТ. Затоа да им покажаме дека во Аеродром се игра довра кошарка и дека се навива фер и коректно“.
МЗТ Скопје знае како се победува Партизан на домашен терен, тоа го има сторено двапати, еднаш во 2015 година, славеше со 82-78, додека во 2013 година беше 66-64.










