Лембанов: Го преализиравме зацртаното, станавме екипа со препознатлив стил

94

Тинекс Пролет одлично го заврши првиот круг од натпреварувањето во Супер-лигата, откако во 14-те одиграни натпревари забележа десет победи, две реми и два порази (двата од вицешампионот Еурофарм Пелистер), заслужено освојувајќи го второто место во групата Б, за пренесување на два бода на стартот од плејофот. Тренерот Лембанов успеа да склопи одличен колектив, комбинација од млади и  искусни ракометари, кои знаеја како да стигнат до цел плен во Битола против Еурофарм Пелистер 2, но и да останат непоразени на жешкиот терен во Кавадарци и за малку во Скопје да го земат скалпот на првиот тим на „пелистерци“.

„Уште од самиот старт на подготовките имавме јасна визија за тоа како сакаме да изгледа тимот и нашата игра, за што имавме целосна поддршка од управата на клубот. Затоа и во оние контролни натпревари што ги одигравме јасно ставивме до знаење дека акцентот мора да биде на градење на играта, поради што и шанса на средбите добиваа сите ракометари, за ние како стручен штаб да имаме јасна визија за тоа што можеме да очекуваме од сите играчи. Она што го посакувавме, беше реализирано без оглед на фактот дека ги загубивме тие натпревари“, вели Лембанов.

Почетокот на сезоната донесе одлична убедлива победа на домашен терен над Еурофарм Пелистер 2, по што следеше неочекувано реми на гостувањето против Радовиш.

„Дуелот со Радовиш беше опомена за сите нас, како играчите така и во стручниот штаб, дека мора да се работи максимално и да се игра најдобро што се може за да се стигне до посакуваниот резултат. Не дозволивме тоа реми да го исфрли тимот од ритам, напротив продолживме да работиме напорно, да тренираме квалитетно и тоа ни донесе добри резултати, меѓу нив и победата во Битола над вториот тим на Еурофарм. Слободно можам да кажам дека нашите успеси воопшто не се случајни, се должат на квалитетната работа и посветеноста во целиот овој период. Она што како тренер посебно ме радува е што развивме препознатлива игра, како во нападот, така и во одбраната и што со тој сопствен стил стигнавме до одличното второ место“, истакнува стратегот на Тинекс Пролет.

Пред скопскиот клуб претстои сериозен предизвик, во вториот дел од сезонава да се бори за излез во ракометна Европа. Почетната позиција е добра, ако се знае дека Тинекс Пролет пренесува два бода во плејофот, исто колку и Алкалоид, повеќе од директните ривали Бутел, Еурофарм Пелистер 2, Тиквеш и Охрид.

„Она што можам со сигурност да го кажам е дека овој плејоф ќе биде убедливо најизрамнет и најнеизвесен, со низа интересни натпревари кои ќе го решат прашањето на шампионот, како и на екипите кои ќе излезат во ракометна Европа. Буквално секој натпревар ќе биде егал и неизвесен, па ќе биде многу важно и играчите да не се истрошат предвреме, туку да можат да ја одржат формата во текот на целиот плејоф. Ние ќе се обидеме да продолжиме со добри игри како во првиот дел од сезоната, ќе сториме се за да освоиме што повеќе бодови, па ќе видиме на крајот дали тоа ќе биде доволно за излез во ракометна Европа“, изјавува Алексо Лембанов.

ПретходноСкандалозно: Ловрен и Брозовиќ со фашистичкиот поздрав – ЗА ДОМ СПРЕМНИ! (ФОТО)
СледноСпоред турските медиуми: Барди во јануари си оди од Трабзонспор!?