Македонската фудбалска репрезентација денеска од 13:00 часот на комплексот Петар Милошевски во Скопје го игра петтиот дуел од тековните квалификации против репрезентацијата на Украина.
Противникот во моментов се наоѓа на втората позиција на табелата зад лидерот Франција, и секако дека претставува своевиден фаворит барем на хартија. Но, избраниците на селекторот Драган Канатларовски на домашен терен тоа не смеат да си го дозволат, да прогласат некого за фаворит и да влезат во мечот со некаков си респект.
„Секако дека тоа нема да се случи. Знаеме добро против кого играме, Украина е квалитетен ривал, но далеку од тоа дека ќе го прецениме противникот, или дека ќе влеземе во овој дуел со некаков респект, напротив. Ќе влеземе максимално одговорно, мотивирано, сконцентрирано, затоа што ова е еден од клучните мечеви во овие квалификации. Секој меч е важен но доколку на овој ние извојуваме победа, многу нешта понатаму ќе бидат поинакви“ – велат од У21 таборот на Македонија.
Ние во моментов се соочуваме со проблеми во ростерот, затоа што дел од играчите не може да се јават на прозивката на селекторот Канатларовски, но од друга страна оние кои се фит и ќе настапат ветуваат битка до последен здив за дресот со националниот грб. Со евентуален поволен резултат денеска, ќе имаме уште поголем мотив да му се спротивставиме на лидерот на групата, Франција кој пристигнува во Скопје на дуел со Македонија на 16. ноември.
Двојки:
Македонија – Украина 13:00
Франција – Ерменија 20:45
Табела:
- Франција 4 3 1 0 12:1 10
- Украина 4 3 0 1 4:6 9
- Македонија 4 1 2 1 3:5 5
- Фарски О. 5 1 2 2 4:5 5
- Србија 4 1 1 2 4:5 4
- Ерменија 5 1 0 4 5:10 3










