Македонија вечерва во 18 часот во Ереван го игра деветиот меч во квалификациската група Ј за пласман на СП во Катар 2022 година. Остануваат уште две кола, остануваат по два меча за сите во нашата група. Уште во октомврискиот циклус Германија си ја завери „визата“ за Мундијалот, па така сега останува битката за баражот. Шанси имаат три селекции, а една од нив е и Македонија. Романија има 13 бодови и игра дома со Исланд и на гости со Лихтенштајн.Македонија има 12 бодови и подобра гол разлика, која е одлучувачка во случај на ист број бодови, и игра со Ерменија на гости и Исланд дома, а Ерменија има 12 бодови и игра дома со Македонија и со Германија.
КОИ СЕ ВАРИЈАНТИТЕ КОИ НАС НИ ОДГОВАРААТ…
Значи Романија сама си ја решава својата судбина, и требаат победи над Исланд и Лихтештајн и тоа значи дека на крај ќе биде втора. Дури сега се гледа што значат тие два бода кои на 5 септември ги загубивме во Рејкјавик.
А кои се варијантите кои нас ни одговараат за да на крајот бидеме втори…
ВАРИЈАНТА-1: Победа на Македонија во Ереван вечерва и Романија да загуби или да ремизира со Исланд на свој терен. Па така во недела ние сами си решаваме, со победа над Исланд ние сме втори. Нема да не интересира што ќе направат Романците со Лихтенштајн во недела,уште помалку Ерменците.
ВАРИЈАНТА-2: Реми со Ерменија во Ереван вечерва, но затоа Романија треба да загуби или во најлош случај да одигра нерешено. Потоа во последното коло не смее да победи во Лихтенштајн, а и Ерменија не смее да ја победи Германија со голема гол разлика (не повеќе од 8 голови) во недела. Ние секако дека ќе мора да го победиме Исланд на 14 ноември.
ВАРИЈАНТА-3: Пораз на Македонија вечерва, но и пораз на Романија или реми во Букурешт со Исланд. Тогаш во недела ќе ни треба ние да го победиме Исланд, додека Романците не смеат да победат со Лихтенштајн на гости, реми ќе ни одговара, но секако дека и Ерменија не смее да ја победи Германија, поточно ќе треба да загуби.
Значи има неколку варијанти, но најдобро за нас е вечерва да победиме со Ерменија во Ереван, а потоа да се надеваме на кикс на Романија со Исланд. Па тогаш во последното коло, во последниот меч со Исланд влеземе како фаворити за тоа второ место.
На крај да кажеме дека утре во Ереван мечот почнува во 18 часот, а оној во Букурешт во 20:45,додека во недела сите мечеви од последното коло се играат во исто време, од 18 часот.
Во продолжение го имате распоредот на сите мечеви од последните две кола во нашата група- Ј.
НАТПРЕВАРИ ОД 9.И 10.КОЛО ВО ГРУПАТА – Ј
ВЕЧЕРВА:
ЕРМЕНИЈА – МАКЕДОНИЈА (18:00 Ч)
РОМАНИЈА – ИСЛАНД (20:45 Ч)
ГЕРМАНИЈА – ЛИХТЕНШТАЈН (20:45 Ч)
НЕДЕЛА:
МАКЕДОНИЈА – ИСЛАНД (18:00 Ч)
ЛИХТЕНШТАЈН – РОМАНИЈА (18:00 Ч)
ЕРМЕНИЈА –ГЕРМАНИЈА (18:00 Ч)
ТАБЕЛА
1.ГЕРМАНИЈА 21 (+20)
2.РОМАНИЈА 13 (+3)
3.МАКЕДОНИЈА 12 (+5)
4.ЕРМЕНИЈА 12 (-3)
5.ИСЛАНД 8 (-4)
6.ЛИХТЕНШТАЈН 1 (-21)










