Актуелниот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром, денеска излезе со нова реакција по најновата казна која ја добија од Кошаркарската федерација на Македонија. Во соопштението се вели:
„Органите на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), вторпат во краток период, парично го казнија МЗТ Скопје, но овој пат наместо Дисциплинската комисија, која неодамна ни изрече санкција од 300.000 денари и двегодишна суспензија на директорот Тони Грнчаров, на која веќе се жалевме, тоа го стори комесарот Александар Милојевиќ, поради извештајот на делегатот од неодамнешното вечно-дерби во кое лесно и убедливо го совладавме Работнички (87-66).
На нашиот тим му е наложено да плати 8.000 денари поради наводното „неспортско навивање“ на нашите навивачи упатено кон тренерот на гостинската екипа, како и дополнителни 16.000 денари поради истакнување на транспарент, кој, според нивните стандарди, имал навредлива содржина кон „Претседателот на КФСМ“.
Колку и да не се согласува со причините за изречените казни, МЗТ Скопје стоечки ќе ги прифати санкциите, со надеж дека делегатите и комесарот ќе бидат исто така ревносни во санционирањето на исти и слични работи на средбите кои нашиот тим ќе ги игра на гостинските терени.“










